Следните чекори на Брисел ќе се знаат неделава

06.03.2017 16:09

Следните чекори на Брисел кон Македонија ќе бидат познати до крајот на неделава, по состанокот на шефовите на држави и влади. Домашните политички актери остануваат во своите ровови. СДСМ бара Иванов да му го даде мандатот на Заев за да не се пролонгира политичката криза. Од ВМРО-ДПМНЕ велат оти е недозволиво тиранската платформа да стене услов за формирање влада, бидејќи како што велат, таа влада би била Тиранска влада.

Следните чекори на Унијата за земјава ќе бидат познати во текот на оваа недела, изјави евроамбасадорот Жбогар запрашан за разврската на политичките случувања. Тој вели дека очекува работите да станат појасни по состанокот на шефицата на европската дипломатија Могерини со лидерите на земјите членки на Унијата.

Политичките партии остануваат на своите позиции. Преку соопштение СДСМ порача дека претседателот Ѓорге Иванов мора да го даде мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев за формирање на новата влада во Република Македонија.

„Неприфатливо и недозволиво е Груевски да поттикнува поделби во Македонија и да користи насилства само затоа што граѓаните избраа промени, а тој ја загуби власта. Ако Иванов и Груевски навистина ја сакаат Македонија како што велат, тогаш тие би го почитувале Уставот и ќе се повлечат. Граѓаните во Македонија не сакаат нови парламентарни избори“, стои во соопштението на СДСМ.

Се огласи и ВМРО- ДПМНЕ. Во соопштението до јавноста од таму посочуваат доколку Зоран Заев и СДСМ имаат сомнеж дека платформата од Тирана е штетна за Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува да ја отфрлат.

„Во таков случај би му помогнале на Зоран Заев и СДСМ да формираат Влада каква што сакаат и која нема да биде тиранска влада и покрај тоа што загубија на изборите. Цената ќе биде далеку помала отколку цената што ќе ја плаќаат сите идни генерации доколку Зоран Заев и СДСМ не ги отфрлат уцените“, стои во дописот од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека нема да дозволат да се донесат никакви решенија што се спротивни на државните и национални интереси.

 

Фиљана Кока