Могерини: Загрижена сум, но гледам потенцијал за решавање на кризата
На прес конференцијата таа потенцираше дека како никогаш порано, Западниот Балкан е исправен пред низа предизвици, како од регионален така и од глобален карактер, мислејќи пред сѐ на влијанието на Русија. Балканот е шаховска табла, на која, моќните сили ја водат битката за превласт, а мирот во овој регион никогаш не може да се зема здраво за готово- рече Могерини.
Загриженост за развојот на состојбата во нашата држава, каде политичката криза може лесно да се разгори во меѓуетнички конфликт и да се прошири во соседство, како и надеж дека истата може да се надмине ако надвладее мудроста кај релевантните политички субјекти, а државата има потенцијал и ресурси за тоа- истакна високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, по завршување на министерскиот состанок во Брисел, а сугестиите на Унијата ги квалификува како пријателски совети без намера на мешање во внатрешната политика на Република Македонија.
„Моите главни грижи се дека ова институционална криза може да се претвори во меѓуетничка криза, и токму тоа им го посочив на тие кои имаат политичка одговорност во земјата. Не си играјте со оганот, не го претворајте ова во меѓуетнички конфликт, зошто може да ја уништи државата и да се рашири во соседството. Верувам дека постои инструмент. Прво тоа е мудроста на претседателот, и второ капацитетот на Собранието да продолжи со избор на претседател на Законодавниот дом“, нагласи Могерини.
Могерини истакна дека нејзините и пораките на генералниот секретар на НАТО, биле генерално прифатени од сите шефови на дипломатии, иако пред почетокот на состанокот унгарскиот министер за надворешна политика Петар Сијарто, изјави дека од сите 28 членки ќе побара осуда на т.н. Тиранска платформа, која задира во унитарниот карактер на државата и претставуваше блокада за не формирање на стабилна влада, веднаш по изборите на 11-ти декември.
На прес конференцијата таа потенцираше дека како никогаш порано, Западниот Балкан е исправен пред низа предизвици, како од регионален така и од глобален карактер, мислејќи пред сѐ на влијанието на Русија. Балканот е шаховска табла, на која, моќните сили ја водат битката за превласт, а мирот во овој регион никогаш не може да се зема здраво за готово- рече Могерини.
„Исто така има и доверба која доаѓа од фактот дека нема друга сила во светот која има долгорочно влијание на Западен Балкан, а тоа е Европската унија. Ги убедив министрите дека треба да бидеме брзи, кредибилни и конзистентни. Ние го нудиме тоа што граѓаните го посакуваат- мир, економски развој и регионална соработка“, изјави Могерини.
Шефицата на европската дипломатија уште еднаш порача дека вратата на ЕУ е отворена за сите. Заклучоците од денешниот состанок ќе бидат основата на Самитот на ЕУ кој ќе се одржи во четврток и петок во Брисел.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
