Лајчак: Платформата од Тирана дополнително ги искомпликува работите

07.03.2017 10:33

Формирањето влада е работа на домашните политичари, изјави вицепремиерот на словачка Лајчак, по средбата на Комитетот за надворешни работи на Европската унија во Брисел.

Платформата од Тирана дополнително ги искомпликува работите. Формирањето влада е работа на домашните политичари, изјави вицепремиерот на словачка Лајчак, по средбата на Комитетот за надворешни работи на Европската унија во Брисел.

„Не донесовме заклучоци, тоа е дебата меѓу министрите. Веќе реков дека платформата е многу нестандардна и несреќна за земјата, дека има мешање од странство, за внатрешните процеси. Бидејќи формирањето на владата е процес кој треба да е во рацете на домашните политичари, така што тоа е фактор кој дополнително ги искомпликува работите“, изјави вицепремиерот Лајчак.

Се разговараше и за избор на претседател на Собранието, рече шефот на хрватската дипломатија Штир.

„Расправата одеше кон тоа дека е неопходно пред сѐ да се сочува стабилноста, дека е важно да се најдат институционални начини како ќе се дојде до тоа. Беше спомната и постапката за избор на новиот претседател на Собранието на начин на кој може да се пристапи преку институциите кон оваа проблематика. Се разбира ЕУ не сака да налева масло на оган, туку на конструктивен начин да поттикне стабилност во Македонија како и на целиот простор на Југоисточна Европа“, рече Штир.