САД: Привремена забранa за влез на државјани од шест блискоисточни земји
Американскиот претседател Доналд Трамп нареди привремена забранa за влез на државјани од 6 блискоисточни држави, во кои има терористички организации. Луѓето од овие држави, со важечки американски визи, издадени пред јануари, ќе можат да патуваат во Соединетите Американски Држави, но целосно е забранет прием на бегалци во наредните 4 месеци. Од забраната, овој пат е изоставен Ирак.

Новата извршна наредба за забрана на влез за државјани од Сирија, Либија, Иран, Судан, Сомалија и Јемен потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп ќе важи од 16-ти март. Ирак е изземен од оваа група држави, бидејќи ирачките власти вовеле проверка на своите државјани.
„Заради заканите за нашата безбедност се појавува потреба да правиме континуирана проценка и адаптација на системите за заштита . Ние го подобруваме процесот за екстремна проверка и ќе спречиме влез на терористи во нашата земја. Од нашите партнери и сојузници бараме разбирање“, изјави Рекс Тилерсон, американски државен секретар.
Со оваа наредба се забранува влез на државјани од овие 6 држави каде има терористи во период од 90 дена и забрана за прием на бегалци во наредните 120 дена. Годишно САД ќе примаат најмногу 50 илјади бегалци.
„Над 300 бегалци според ФБИ се под истрага за потенцијални активности поврзани со тероризам. Како секоја нација, САД имаат право да контролираат кој влегува во земјата“, изјави американскиот државен обвинител, Џеф Сешнс.
„Денешната наредба потпишана од претседателот Трамп ќе ја направи Америка побезбедна и конечно ќе се справи со неправилностите во нашиот имиграциски систем“, рече Џон Кели, секретар во Департментот за домашна безбедност.
Наредбата нема да важи за луѓе од овие 6 држави коишто имаат важечки американски визи или се регистрирани постојани жители во САД или имаат двојно државјанство. Лицата коишто добиле американски визи по 27-ми март кога беше издадена првата наредба за забрана на влез на државјани од 7 држави, нема да можат да патуваат во САД.
Првата наредба за привремена забрана на луѓе од 7 држави каде има терористи беше блокирана од страна на федерален судија.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
