Иванов: Осуда и отфрлање на платформата од Тирана

07.03.2017 14:49

Ангажман од ЕУ, НАТО, САД и Турција побара претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, поради сериозните предизвици, со кои во моментов се соочува нашата држава. Платформата од Тирана ја ги загрозува сувереноста и независноста на Македонија, пишува претседателот во писмото. Тој побарал од Могерини јавно да ја осуди и отфрли платформата.

Република Македонија веќе две и пол години минува низ длабока политичка криза. Под покровителство на ЕУ и на САД се постигна договорот од Пржино за организирање предвремени парламентарни избори и формирање влада која најпрво ќе се фокусира на итните реформски приоритети. На 11 декември се одржаа слободни, фер и демократски избори што беа поздравени од сите страни. Но, наместо излез од кризата и фокусирање на итните реформски приоритети, ние повторно се најдовме во длабока политичка криза. Претседателот Иванов, во пресрет на состанокот на европскиот совет, упати писмо до членовите, до претседателот на советот Туск, до генералниот секретар на НАТО Столтенберг и до претседателите на САД и на Турција, Трамп и Ррдоган. По изборите, три од четирите парламентарни партии на етничките албанци во Македонија, со 18 од вкупно 120 пратеници во собранието, под покровителство на албанскиот премиер Еди Рама и неговиот министер за надворешни работи во Тирана создадоа платформа за албанците во Македонија која стана предуслов за формирање влада во нашата држава, наведува во писмото Иванов.

„Со оваа платформа се загрозуваат сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност кон друга држава. Реализацијата на платформата подразбира промени во уставот на Република Македонија со кои би се загрозил унитарниот карактер на државата. Платформата го нарушува Охридскиот рамковен договор кој ги регулира односите на етничките заедници со државата Република Македонија и нивните меѓусебни односи. Во спротивност со Охридскиот рамковен договор, платформата е дискриминаторска кон другите етнички заедници, бидејќи фаворизира само една заедница. Оваа платформа од Тирана дополнително ја дестабилизира внатрешно-политичката состојба и ги зголемува меѓуетничките тензии во Република Македонија“, се наведува во писмото претседателот Иванов.

Платформата не доведе во застој од кој е тешко да се излезе бидејќи има ултимативен и уценувачки карактер“, стои во писмото на претседателот на државата. Иванов потсетува дека пред една недела донесе одлука да не определи мандат за состав на владата на секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитетот и независноста. Како претседател, моја должност е да ги почитувам уставот и законите и да ги штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија, наведува шефот на државата. Иванов потенцира дека од еврокомесарот Хан и од шефицата на дипломатијата Могерини побарал јавно и јасно да ја осудат и да ја отфрлат платформата како чин на мешање во внатрешните работи на суверена држава и како документ што дополнително не дестабилизира и не изложува на внатрешно-политички, меѓуетнички и можни геополитички влијанија.

„Сметам дека осудата и отфрлањето на овој документ е единствен начин за излез од безизлезната состојба во која се наоѓаме. Само на тој начин ќе ги постигнеме целите на договорот од Пржино, пред се итните реформски приоритети, политичката стабилизација, намалувањето на меѓупартиските и меѓуетничките тензии во Република Македонија и враќање на државата на патот кон европските и евроатлантските интеграции. Во тој контекст, барам со внимание да ја разгледате вистинската реалност со која сме соочени и да се заложите оваа штетна платформа да биде јавно отфрлена и осудена од Европската Унија и НАТО и нивните земји - членки. Очекувам да испратите силна порака до нашиот геополитички ранлив регион за неповредливост на границите на балканот и да ја реафирмирате европската и евроатлантската перспектива на земјите од регионот“, стои во писмото на Иванов.

Отсуството на јавна осуда на платформата од Тирана од меѓународната заедница само ќе охрабри слични обиди во нашиот, но и во други региони во Европа со сложена етничка, религиска и јазична реалност, се наведува во писмото.

Како претседател на Република Македонија, земја долгогодишен кандидат за членство во Европската унија и во НАТО, очекувам да се ангажирате и да ни помогнете, бидејќи иднината и перспективата на моите сограѓани се пред мошне сериозен предизвик, завршува во писмото македонскиот претседател Иванов.

 

Милчо Велески