Метеж на шалтерите: Последна недела за даночна пријава
Како што се намалува рокот за поднесување даночна пријава, така се зголемува гужвата на шалтерите на Управата за јавни приходи. Обврската ја завршиле половина од граѓаните, најмногу во Скопје.

Метеж пред шалтерите на Управата за јавни приходи. Уште една недела останува до истекот на крајниот рок, 15-ти март, до кога даночните обврзници треба да ги достават годишните пријави. Досега се пристигнати 220.000 пријави, најмногу се поднесени во Скопје. Како по навика, и покрај апелите од даночниците, се чека последниот рок. Годинава се очекува над 400.000 граѓани да поднесат годишна даночна пријава.
„До денес во УЈП се поднесени околу 220.000 годишни даночни пријави, а според нашите податоци очекуваме околу 420.000. Иако УЈП навремено ги информира сите граѓани, праксата се повторува, па во последните десетина дена се поднесуваат најголемиот број годишни даночни пријави. Преку е- даноци можат да поднесат сите оние лица кои имаат дигитален сертификат. Таков сертификат имаат околу 14.000 физички лица“, изјави Мухедин Авдиќ од УЈП.
Казната за ненавремено или неподнесување годишна даночна пријава изнесува и до илјада евра. Пријава поднесува секој кој во 2016-та година остварил приход покрај плата и пензија, по основ на награди, кирии, авторски права, договор на дело и дивиденди.
Дијана Ценевска
