Продолжува судскиот процес за случајот „Диво насеље“

07.03.2017 15:43

Сведочеа обвинетите Фадиљ Ељшани и Есат Кафиѓоли. Тие ја повторија истата причина за нивното доаѓање на територијата на Република Македонија како и обвинетите кои сведочеа на претходните рочишта.

Продолжи судскиот процес за „Диво насеље“. Сведочеа обвинетите Фадиљ Ељшани и Есат Кафиѓоли. Тие ја повторија истата причина за нивното доаѓање на територијата на Република Македонија како и обвинетите кои сведочеа на претходните рочишта.

Мотивот бил, како што рекоа, неспроведувањето на Охридскиот договор. Двајцата тврдеа дека не биле запознаени дека станува збор за предизвикување конфликт или дека се планира да војуваат, туку знаеле дека се работи за соопштение кое требало да се лиферува во јавноста за монтираните случаи, за како што изјавија, неправдата што им се нанесува на Албанците во Македонија.

Нивниот бранител Насер Рауфи посочи дека неговите клиенти се пожалиле дека биле малтретирани, не само додека биле апсени туку и во присуство на судијката Славица Андреева од Кривичниот суд во истражната постапка. Рауфи најави дека ќе поднесе кривична пријава против судијката Андреева.

Претходно сведочеа првообвинетиот Сами Укшини, алијас командант Соколи, потоа второобвинетиот Анди Красниќи и третообвинетиот Дем Шеху, како и обвинетите Кенан Исени и Фадиљ Фејзулаху.

Во дводневната престрелка во кумановско Диво насеље загинаа осум припадници на македонската полиција и десет припадници на вооружената група.

Фиљана Кока