Полицијата го истражува инцидентот во Битола
Инцидент во Битола. Рано утрово се фрлени молотови коктели врз Музејот на албанската азбука и е оштетена надворешноста на објектот. Полицијата го истражува случајот. Министерството за култура апелира на воздржаност од насилство и почитување на културното наследство. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го осудија инцидентот.

Непознати лица фрлиле шишиња со запалива течност кон Музејот на албанската азбука во Битола. Оштетени се стаклото од влезната вратата, прозорец и спомен- плочата на објектот, информираат од Битолската полиција. Инцидентот бил пријавен околу 4 часот изутринава. Бил подигнат доказен материјал и доставен за вештачење. Според директорот на Музејот, Нуер Арслани, добро е што не е предизвикана поголема штета. Очекува надлежните институции да ги откријат сторителите.
Осуда за настанот стигна од Министерството за култура.
„Историјата на албанскиот народ е еден дел од заедничкото мултикултурно наследство кое е силна одлика на Република Македонија. Во таа насока, апелираме на воздржаност од насилство и почитување на културното наследство на нашата држава“, се вели во соопштението на ресорното Министерство.
Инцидентот го осудија и партиите. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека овој настан е изолиран и не треба да се злоупотребува.
„ВМРО-ДПМНЕ смета дека негувањето на историјата и културата на секој народ е суштествено право и особено значаен елемент на едно мултикултурно општество какво што е македонското. Овој инцидент е обид на одредени сценаристи да предизвикаат дефокусирање од актуелните политички случувања во државата“, се вели во соопштението на партијата.
Од СДСМ очекуваат надлежните органи во најбрзо време да го расветлат случајот.
„Мнозинството граѓани на изборите на 11-ти декември се изјаснија против политиките на поделби, изолација, омраза и на нетрпеливост на досегашната власт и избраа заеднички живот во едно општество за сите. Потпалувачите на конфликтите и нарачателите и извршителите на овие противуставни и противзаконски дела ќе одговараат“- се вели во соопштението на СДСМ.
Наташа Гркова- Петрушевска
