Жените наспроти мажите- подолговечни, пообразовани, помалку платени
Ден пред Меѓународниот ден на жената, Државниот завод за статистика со нови податоци. Жените во земјава живеаат повеќе од мажите. Сепак, недоволно се застапени на пазарот на труд, а и за иста работа се помалку платени. Од Националниот совет за родова рамноправност бараат да се работи на разбивање на стереотипите.

Бројот на жени во Македонија е речиси ист како и мажите, но тие се подолговечни, имаат повеке факултетски дипломи сѐ уште мака мачат со економската положба на пазарот на труд. Според државната статистика, од вкупниот број население, 49,9 насто припаднички на понежниот пол, живеат за 3,9 години подолго од мажите, но бројката на вработени е помала, за иста позиција се помалку платени, а според статистиката за 57 насто повеќе поседуваат факултетски дипломи. Стереотипите и предрасудите сѐ уште имаат влијание.
„Сѐ уште стереотипите и предрасудите за определба на професија на жените кои се пониско вреднувани, предрасуди дека имотно-правните односи не ги добива подеднакво со браќата и ако ги додадеме и жените од руралните средини и од етничките заедници, може да кажеме дека жената е сѐ уште многу дискриминирана“, вели Савка Тодоровска од Националниот совет за родова рамноправност.
Во Македонија има над 150 жени доктори на науки. Мал е бројот на менаџерки или политичарки, поголем е бројот на жени во приватниот сектор. Проблем- разликата во платата што за иста работна позиција со мажите достигнува и до 30 насто.
„Еднаквост во позициите, во управувањето, менаџерското управуавње па дури и изедначеност во сопственоста, па тие компании може да се пофалат и во својата корпоративна култура, а да имаат и добра додадена вредност и бизнис добивка“, посочува Миле Бошков, Бизнис конфедерација на работодавачи.
Над 76,3 проценти од вработените жени се во приватни фирми, во претприемачкиот сектор само 33 насто менаџираат бизнис.
„Таа бројка драстично се намалува, бидејќи таа бројка далеку повеќе се намалува зошто тие се во партнерства со сопружници каде мажот одлучува или жената е формално на таа позиција. Компаниите со кои раководат се претежно микро, 73 насто, мали околку 25 проценти и 2 насто се средни“, објаснува Наташа Здравковска, Здружение на бизнис жени.
И на политичката арена сѐ уште има просор за поголема застапеност на жените. Најголем број жени работат во услужните дејности, само 30-тина насто ги има бизнисот со информатичките технологии.
Сузана Фиданска- Стоевска
