Локални избори: Политичарите и правниците да најдат решение
Откако на полноќ истече последниот рок за распишување на локалните избори, градоначалниците стравуваат дека ова ќе предизвика проблеми во работењето на локалните самоуправи. Апелираат политичарите и правниците да најдат решение.

Одложувањето на локалните избори може да предизвика проблеми во функционирањето на општините, смета претседателот на ЗЕЛС, Коце Трајановски. Затоа, вели тој, сега откако е пробиен рокот за нивно распишување, експертите и политичките партии треба да најдат солуција, па до завршување на мандатот на градоналачниците и на советниците да се донесе закон со кој ќе се определи нов термин за гласање.
„Постои една опасност, дека доколку не се пролонгира до рокот до кој е предвиден на функционираат постојно избраните градоначалници и советите на општините, да има проблем во функционирањето на општините, да нема органи кои ќе потпишуваат, ќе одлучуваат и слично“, изјави Коце Трајановски, претседател на ЗЕЛС.
Професорот Положани вели дека законот за локална самоуправа дефинира како се постапува во случаи на предвремени избори, но не пишува ништо за пролонгирање на мандатите, па оттука, секое продолжување на функцијата, смета професорот, би било незаконско.
„Претходно треба да се смени Изборниот законик, да се смени Законот за локална самоуправа, да се најде некое решение во скучај кога минуваат четири години од мандат на носителите на функции на локална самоуправа, градоначалник и совети, да се најде некоја преодна одредба, во посебни случаи да се најде причина- зошто не се одржуваат тие избори дека продолжуваат да ја вршат таа функција, значи некое законско решение во тој матичен Закон за локална самоуправа“, изјави Бајрам Положани, универзитетски професор.
Мандатот на градоначалниците и на советниците истекува на 22-ри март.
Анита Димитријевска
