Отворени се Олимписките зимски игри - Сочи 2014

07.02.2014 20:46

И бидна спектакл!!!

Со спектакуларна церемонија на Олимпискиот стадион „Фишт“ беа отворени 22 Олимписки зимски игри. Владислав Третјак и Ирина Роднина заеднички го запалија пламенот којшто во наредните 16 дена ќе ги осветлува олимписките борилишта. Игрите за отворени ги прогласи Претседателот на Руската федерација Владимир Путин.

Церемонијата со наслов „Сништата на Русија“ го отслика целокупното културно наследство на најголемата земја во светот, која до сите меридијани ја испрати пораката за различностите што треба да обединат, а не да разделуваат.

Околу 6000 спортисти од рекордни 88 земји во 7 спортови и 15 дисциплини ќе се натпреваруваат за 98 комплети медали. Меѓу нив и македонската тројка предводена од нордиецот Дарко Дамјановски кој го носеше нашето знаме на Свеченото отворање. За кого ова ќе бидат трети Олимписки зимски игри. Алпинецот Антонио Ристевски ќе настапи вторпат и тоа во велеслалом и слалом, додека на Олимпијадите ќе дебитира 16-годишната нордијка Марија Коларовска. На Свеченото отворање присуствуваше и Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Ќе има 12 нови дисциплини, а дебитанти на Олимписките зимски игри ќе бидат спортисти од 7 земји. Најбројна е делегацијата на САД со 230 спортисти.

Ова е прва зимска олимпијада во Русија, па затоа домаќинот е подготвен 17-те дена да бидат грандиозни. За комплетна организација на Олимпијадата се потрошени неверојатни 51 милијарда долари, но само од маркетингот до почетокот на игрите се заработени една милијарда долари. Затоа што Сочи се наоѓа на црноморското крајбрежје, ова ќе биде најтоплата Олимпијада, бидејќи просечната температура во овој период од годината е 8,3 степени. Русите се внимателни и за безбедноста се грижат околу 50 илјади полицајци, војници и други лица.

Македонската телевизија во текот на цела Олимпијада дневно ќе емитува околу 12 часовна програма на којашто ќе бидат застапени речиси сите спортови.