Овчарите бараат дополнителни субвенции
Сточарите бараат дополнителни субвенции за предадено јагне во кланиците. Овчарите, велат дека поради јаката зима имаат поголеми производствени трошоци околу исхраната, а откупна цена што сега ја нудат трговците е помала од ланската. Јагнешко е трет извозен земјоделски- прехранбен производ во земјава кој на годишно ниво носи заработка од скоро 13 милиони евра.

Долгата и студена зима ги зголеми трошоците за потребните поголеми количества храна за стадата со овци. Во моментов трговците нудат до 120 до најмногу 140 денари за килограм жива мера, додека ланската цена во ова време достигнуваше 150 денари.
Освен за велигвенскиот шпиц, овчарите се надеваат дека нешто ќе може да се спаси и доколку се прифати нивното барање за воведување нова мерка за дополнителни субвенции за предадено јагне во регистрирани кланици во висина од 40 денари за килограм жива мера.
Овчарството е трето по ред во извозот на земјоделските прехранбени производи во нашава земја. Годишно во просек се продаваат скоро 2.500 тони јагнешко и овчо месо, во вредност од 13 милиони евра.
Лани во Македонија биле регистрирани скоро 800.000 овци и јагниња.
Методија Трајков
