Машко-женски свет: Најбитни професионалноста, посветеноста

08.03.2017 10:55

Вообичаено на Денот на жената, 8-ми март многу статистики, но и прашањето, каква е состојбата во машко-женскиот свет кај нас? Постои ли поделеност на машки и на женски работи. МТВ ги анкетираше и едните и другите. Сепак, едно е јасно- едни без други не можат.

Ем понежни се, ем подолговечни од мажите. Одамна го стопија мразот и ги урнаа стереотипите за деловниот, претежно машки свет. Повеќе ги има и како магистри, анализираат статистичарите. Но, дали за иста работа жените добиваат помала плата од мажите?  И пак статистиките: може, ама граѓаните, и мажи и жени, не се согласуваат со тоа. Тврдат- најбитно е образованието.

„Не е точно дека жените помалку земаат од мажите, најбитно е образованието...“, вели еден граѓанин.

Сепак, машкиот свет вели- има машко-женски работи. Не оние домашните, туку професионалните.

„Има некои работи, на пример градежништво жена не може да работи...“

„Работа на инфраструктура, канализација- жена, некоја госпоѓа не може тоа да го работи“, велат дел од граѓаните.

„Има жени кои имаат способности да водат бизнис, да бидат менаџери, но сепак и во тој дел има повеќе мажи. Машкиот свет е посуров“, вели една граѓанка.

И пак за статистиките- жените одвојуваат време дневно, барем по час и повеќе, и за децата, миленичињата, забавата, па и за чистењето. Успешните деловни жени кои се докажале, со став- најбитна е професионалноста во се, ама за големи успеси има и самоодрекувања.

„Мојата жрвта е приватниот живот. Доколку сакате да се реализирате мора да бидете бескрајно професионални, да бидете посветени. Улогата на една жена е пред и се да биде мајка и нечија сопруга. Исто и тоа бара целосно внимание и време и можеби од тие причиние жените и не се толку инволвирани во деловниот свет“, изјави Ирена Јакимоска, менаџер на компанија.

Машко-женскиот свет се чини ја учи лекцијата- едни без други не можат.

 

Елизабета Митреска