ЦК на ВМРО-ДПМНЕ: Продолжуваме со спротивствување на обидите за редефинирање на Македонија

08.03.2017 11:20

Централниот комитет констатирал дека засекогаш е погазен принципот „победник со победник“ и веќе не постои вистинска причина во иднина да биде загарантирано учеството во извршната власт на партијата која би освоила мнозинство од албанските гласови.

Централниот комитет на вчерашната седница донесе заклучок со кој Извршниот комитет и партијата треба да продолжат да се спротивставуваат на обидите за редефинирање на Македонија од мултиетничка во бинационална држава. Не смее да се дозволи реализација и на другите фази од процесот кои подразбираат менување на банкнотите, воведување на албанскиот како официјален јазик, кантонизација и федерализација, но и почнување преговори за менување на химната, грбот и знамето како вовед во промена на името и идентитетот, стои во дописот од ВМРО-ДПМНЕ.

Централниот комитет констатирал дека засекогаш е погазен принципот „победник со победник“ и веќе не постои вистинска причина во иднина да биде загарантирано учеството во извршната власт на партијата која би освоила мнозинство од албанските гласови.

Уцената со која се соочува СДСМ најскапо ќе ја чини државата. Зоран Заев ја прифати платформата од Тирана и презеде обврска да ги реализира на штета на државата, се вели во соопштението.

Централниот комитет го потврди ставот дека најдобар излез од актуелната криза е да се оди на нови, предвремени избори, што би се одржале заедно со локалните. Помала е штетата доколку на СДСМ му се понуди поддршка за формирање влада и покрај тоа што ги изгубија изборите.

Оваа поддршка би се реализирала само со експлицитно отфрлање на тиранската платформа и нејзините елементи од страна на СДСМ, заклучил Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.