Олимписки зимски игри – Сочи 2014

Холандскиот лизгач Крамер, па сите преостанати

07.02.2014 20:51

Брзото лизгање е дел од Олимписките зимски игри од 1924-та година и нема сомнение дека и во Сочи овој атрактивен спорт ќе понуди многу возбудувања.

Од шестте дисциплини во двете конкуренции, прво на програмата, в сабота е натпреварувањето во машка конкуренција на 5000 метри. Во Адлер Арената ќе настапат најдобрите лизгачи во моментов во светот, но едно име е над сите. Холанѓанецот Свен Крамер е актуелен олимписки и светски шампион поединечно и во повеќебој и сопственик на светскиот и олимписки рекорд, автоматски апсолутен фаворит за златниот медал. Дека сепак нема да му биде едноставно потврдува фактот дека ќе има извонредна конкуренција во преостанатите носители на одличја и од Олимпијадата во Ванкувер и од двата лизгачки мундијала, Кореецот Сеунг – Хун Ли, Русинот Иван Скобрев, Норвежанецот Хавард Беко, Белгиецот Барт Свингс и уште еден Холанѓанец Јорит Бергсма кој е и втор, разбирливо зад Крамер, во Светскиот куп во брзо лизгање на 5000 метри. 

27 – годишниотѕ Крамер победи на сите четири натпреварувања во Светскиот куп чиишто генерален пласман е основниот критериум за учество на Олимпијадата. За Сочи се квалификуваа најдобите 16 од Светскиот куп во оваа сезона, но максимум по тројца од една земја, како и уште 12 според резултатите во натпреварувањето во организација на Светската лизгачка федерација – ИСУ. Преносот од трките за медали во брзо лизгање на 5000 метри во машка конкуренција ќе биде на МРТ1 в сабота во 12 часот и 45 минути.