Жените придонесуваат за поголема безбедност во сообраќајот
Поделени се мислењата кој е подобар возач, мажите или жените? Статистичките податоци говорат дека припадничките на понежниот пол се повнимателни во сообраќајот и дека поретко предизвикуваат незгоди...

Жените не ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, напротив придонесуваат за поголема безбедност на патиштата. Ова го потврдуваат повеќе студии и истражувања. Но, дали се искоренува стереотипот дека жените се полоши возачи? Поделени мислењата околу тоа кој се повнимателни и подобри возачи.
Жените се посовесни и поодговорни возачи смета уредничката на утринската програма на МТВ кој има 24 години возачко искуство. Вели, мајчинскиот инстикт нѐ тера да сме претпазливи. Досега немала лошо искуство. Признава дека и пречи големата сообраќајна некултура.
„Во принцип многу ми пречат стереотипите кај нас, кога ќе се создаде гужва во сообраќајот или некој ќе направи некој прекршок, и без да видиме кој е зад воланот, коментарот е- 100 посто е жена, ова само жена може да го направи. Не се согласувам со таквото мислење затоа што мислам дека жените се многу посовесни и поодговорни возачи. Станува збор за индивидуа, познавам многу мажи што немаат појма од возење и многу жени кои се слаби возачи, особено кога станува збор за возењето во рикверц“, вели Снежана Пачоска-Китанчев, уредник на редакција актуелности во МТВ.
Според светските статистики, мажите возат побзо, ретко користат безбедносен појас, дел возат под дејство на алкохол. Жените се поодговорни, бидејќи самата природа на жената, како поемотивно суштество, укажува на тоа дека е погрижлива и е еден од клучните фактори за безбедност во сообраќајот, сметаат од АМСМ.
„Жената како фактор и учесник во сообраќајот е круцијална во навиките и пренесување на сообраќајната култура на младите и идни генерации. Сметам дека сум совесен возач, ги почитувам сообраќајните правила и прописи, секогаш гледам да сум смирена и позитивна“, вели Росана Јанков од АМСМ.
Дека жените прават помалку сообраќајни незгоди со фатални последици покажува и статистиката во Македонија. Лани од 165 загинати, 136 се од машкиот пол, а 25 жени.
„Она што е карактеристично е тоа што брзото и агресивно однесување не им е својствено на жените во сообраќајот, управување под дејство на алкохол исто така не е својствено за жените во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека мажите се доминантни во однос на жените кога станува збор за вештината, во однос на побрзо паркирање, подобри маневри во тесен простор, меѓутоа тоа не ги прави и побезбедни возачи“, изјави Ристо Манчев, секретар на РСБСП.
Надлежните секоја година во чест на интернационалниот ден на жената организираат трибина, на различна тема за безбедноста во сообраќајот. Со тоа, велат се става една коцка во мозаикот за побезбеден сообраќај и градење сообраќајна култура на повисоко ниво.
Наташа Гркова- Петрушевска
