Мерките за вработување даваат резултати
Белгиската „М- Стил“ веќе две години успешно работи во општината Гази Баба со вкупно 42-ца вработени. 11-мина се преку проектот „Македонија вработува“. Со владините мерки досега се вработиле над 5 илјади лица.

Компаниите ги користат мерките за вработување, и домашните и странските. Белгиската „М- Стил“ за две години има вкупно 42 вработени, 11 преку проектот „Македонија вработува 2“.
„Пред две години почнавме со шест луѓе. Со помош на владата вработивме уште. Ќе продолжиме со бизнисот. Во фаза сме на проширување на нов објект. Ќе се зголеми обемот на работа и ќе се вработат нови луѓе“, вели Лук Слабник од „М-Стил“.
Преку овие мерки се намалува невработеноста- велат од Агенцијата за вработување. Велат дека за мерката Самовработување со грант досега се поднесени речиси 1.200 пријави, за отворање бизнис со кредитирање има 35 апликации, за практикантство над 700.
„Оваа компанија е само еден од успешните примери кои ги користат мерките за вработување, со кои се намалува невработеноста, голем дел од невработените лица доаѓаат до свое работно место. Преку „Македонија вработува 2“ досега се вработени над 5.080 лица“, вели Слободанка Алексовска, директор на Центар за вработување- Скопје.
„Имаме веќе најава од една компанија која планира во следниоте 5 години да отвори 600 работни места. Менаџерскиот тим ја објави инвестицијата, ние интензивно работиме да го завршиме планот, оваа година да се почне со градба, а од следната веќе да почне со работа“, изјави градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според податоците на Агенцијата, досега преку „Македонија вработува 2“ се вработиле над 5.080 луѓе.
Дијана Ценевска
