Судскиот совет ги разгледува опциите по повлекувањето на Михајлова
Судијката Татјана Михајлова вчера писмено го известила Судскиот совет дека поднесува неотповиклива оставка на функцијата в.д. претседател на скопскиот Кривичен суд. Дополнително ќе се анализира новонастанатата ситуација, вели првиот човек на Судскиот совет, Караџовски.

Скопскиот Кривичен суд остана без претседател. Судијката Татјана Михајлова којашто ја вршеше в.д. функцијата поднесе неотповиклива оставка. Претседателот на Судскиот совет, Караџовски потврди дека оставката на Михајлова стигнала во Советот.
„Додека формално правно не ја прифатиме оставката, колешката има статус на в.д. претседател во оставка, а потоа ги разгледуваме сите законски можности за најсоодветно решение“, вели претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски.
Засега нема информација кои се причините за оставката. Неодамна со новиот годишен распоред кој требаше да стапи на сила од почетокот на март, Михајлова прераспореди десетина судии. Според претседателот на судскиот совет, новонастанатата ситуација предизвикала одложувања на рочиштата. Од кривичен со поинаква информација.
Од Кривичниот суд велат дека нема одложување на рочиштата. Се чека во најкусо време да се избере в.д. претседател којшто ќе направи нов распоред за работа на судиите. Врховниот суд неодамна донесе одлука да ги прифати приговорите на седум судии кои се пожалија на прераспоредувањето.
Михајлова е судија во процесот кој се води за демолирањето на зградата на општина Центар, а вниманието на јавноста го привлече откако на обвинителките од СЈО Катица Јанева и Фатиме Фетаи им изрече казна по 2.000 евра за несоодветно однесување.
Анита Димитријевска
