„Викиликс“ откри нови тајни на ЦИА

08.03.2017 15:11

Разузнавачите прислушувале преку телефони и телевизори. Први на удар биле оперативните системи на „Гугл“, „Епл“, „Мајкрософт“ и „Самсунг“. Агенцијата чијашто задача е да ги краде тајните на другите не успеа да ги сочува своите.

Компаниите „Епл“, „Самсунг“ и „Мајкрософт“ интензивно вршат проверки и поправки на оперативните системи, кои според „Викиликс“, биле хакирани од Централната разузнавачка агенција на САД. Цел на компјутерските упади биле и системите на „Гугл“, но оттаму не дадоа коментар. Габаритот на информатичкиот напад се споредува со случајот на Едвард Сноуден и Агенцијата за национална безбедност.

„Ова е Сноуден во ЦИА. Сериозна е работата во однос на тоа што им се сервира на противниците. Сега мораме одново да создадеме алатки за да добиваме информации од нив, како што направивме со Сноуден“, изјави Мајкл Морел, поранешен в.д. директор на ЦИА.

Со најсофистицирани алатки, ЦИА собирала податоци преку паметни телефони, телевизори и други електронски уреди.

„Дури и кога е исклучен телевизорот, алатките работат. Црвеното светло значи дека се уште оперираат и слушаат далечинското да ги повика за да се вклучи повторно. ЦИА може да се прикачи на тоа, и дури кога е исклучен, тие може да слушаат преку микрофонот во уредот“, изјави Рос Шуман, Институт за отворена технологија.

Се анализирале и опции за упад во автомобилските системи.

„Може да контролираат се и сешто, од музиката што ви свири, па се до целосно управување на возилото, на пример, да предизвикаат сообраќајна несреќа ако сакаат да убијат некого“, изјави Шуман.

Според законот, ЦИА нема дозвола да шпионира Американци на територијата на САД. Конзулатот во Франкфурт, Германија се користел како тајна база од каде што ги шпионирале луѓето во Европа, Африка и на Блискиот Исток.

 

Маја Филдишев