Родов јаз

КСС: Еднакви плати за жените и мажите

08.03.2017 15:21

Податоците покажуваат дека жените во просек заработувааат 12,5 насто помалку во однос на мажите за иста работа- велат од секцијата на жени од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија. Трудот на жената е потценет, таа потешко се вработува на одредени позиции и затоа синдикатот бара елиминирање на родовата нееднаквост.

Освен недостапноста во вработувањето на одредени позиции, жените се жалат и на потценување на нивниот труд, нееднаквост во платите за иста работа со мажите. Конфедерацијата на слободни синдикати смета дека жените во земјава заработуваат за 12,5% помалку од мажите. Односно, наместо просечна плата од 364 евра, жените заработуваат само 318 или годишно за 545 евра помалку од мажите.

„Што значи ако тоа се вкалкулира на годишно ниво жената 33 дена во годината е неефективно платена. Затоа целта на оваа наша кампања е да прифатиме дека постои родов јаз и дека жените заработуваат помалку во однос на мажите и апелираме до работодавачите и до јавноста дека платата треба да биде резултат на трудот и само на трудот, независни од полот“, изјави Даниела Јаневска, Секција на жени при Конфедерацијата на слободни синдикати.

Синдикатите потсетуваат дека трудот на жената е потценет, пред се поради воспоставените стереотипи дека одредени работи се само за мажите, а други за жените.

„Сакаме да ги потсетиме и приватниот сектор и македонските компании дека при вработувањето треба да гледаат на квалитетот,а не на квантитетот.Треба да ја гледаат способноста на човекот, а не родовата внееднаквост,односно треба да обрнат внимание на самите жени“, вели Слободан Антовски, генерален секретар на Конфедерацијата на слободни синдикати.

Конвенцијата за еднакви плаќања е ратификувана пред 26 години, како еден од осумте основни стандарди на трудот. Според Светскиот економски форум Македонија е рангирана на 73 место од 144 земји на постоење на јаз меѓу мажите и жените,кој се очекува да биде затворен по дури 169 години.

 

Свето Николовски