Партиите закопани во своите ровови
„На Македонија ѝ се потребни нови предвремени парламентарни избори заедно со локалните за излез од политичката криза“- вели премиерот Емил Димитриев. Социјалдемократите повторно го повикаа претседателот Иванов веднаш да му го даде мандатот на Заев. Заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека е донесен заклучок да продолжат да се спротивставуваат на обидите за редефинирање на Македонија.

„Предвремени парламентарни избори заедно со локалните се излез од политичката криза во земјава“ смета премиерот Емил Димитриев. Според него, единствен гарант за зачувување на унитарноста на земјава е формирање и развивање на силно граѓанско и мултиетничко општество.
„Јас сметам дека ваквите теми на се привилегија на политичките елити колку тие да се сметаат за способни да се справуваат со овие процеси, и за вакви теми единствен фактор којшто може да каже и да се изјасни е народот на нови парламентарни избори кои би биле организирани заедно со локалните“, изјави премиерот Емил Димитриев.
Од СДСМ повторија дека Иванов е должен веднаш да му го довери мандатот на Заев. Според, заменик - претседателската на партијата, мнозинската волја на граѓаните е за промени. „Груевски и неговите соработници мора да се повлечат од провокациите и насилството што го поттикнуваат и да дозволат мирен трансфер на власта“, вели таа.
„Уставот на нашата држава во кој сите се колнеме и за кој сите викаме дека го браниме, е многу јасен. Претседателот е должен да го даде мандатот на партија или партии кои имаат мнозинство во Собранието. Должен. Уставна должност, уставен член, уставна обврска“, нагласи Радмила Шекеринска, заменик- претседател на СДСМ.
И ДУИ бара Иванов да ја повлече одлуката за недоделување на мандатот. Велат- треба да се послушаат пораките на Брисел и на Вашинготн.
„Секоја тенденција на злоупотреба на фактот на Албанците дека тие постојат во оваа земја, тие да се демаркираат како проблем на земјата, мислам дека е погрешен и како таков нема да помогне за излез од кризата“, смета Теута Арифи, ДУИ.
„Брзи предвремени парламентарни избори“- заклучок од седницата на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, тоа е најдоброто решение за излез од политичката криза. Велат дека мора да останат со народот и да продолжат да ги бранат државните и национални интереси по секоја цена. Останува и понудата да поддржи малцинска влада на СДСМ ако се отфрли тиранската платформа.
„ВМРО-ДПМНЕ смета дека Зоран Заев и СДСМ мора да го слушнат гласот на народот. Исто така треба да се согласат на предвремени парламентарни избори кои на ист трошок би се одржале со локалните. Зоран Заев и СДСМ на тие избори пред граѓаните треба да ја извадат тиранската платформа и да го почитуваат мислењето на граѓаните околу платформата која што Заев мисли да ја реализира“, изјави Крсте Јовановски, ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат и дека ќе продолжат да се спротиставуваат на обидите за редефинирање на Македонија од мултиетничка во бинационална држава.
Игор Панов
