Трибина посветена на балканските држави на американскиот универзитет „Јеил“
На американскиот универзитет „Јеил“ се одржа трибина за балканските држави и нивната иднина. Недостигот перспектива за европско членство во Југоисточна Европа ја намалува поддршката за европските интеграции во овие земји, рече македонскиот амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски.

Балканските држави сѐ уште се стремат кон интеграција во Европската Унија, но фактот што земјите кандидати како Македонија и Србија беа оставени сами да се справат со бегалската криза, ја намали довербата и поддршката на граѓаните за евроинтеграциите, беше оценето на трибина за Балканот на американскиот универзитет „Јеил“.
„Токму недостигот на перспектива за европско членство во Југоисточна Европа предизвикува намалување на поддршката за европските интеграции на југот. Повеќе не е важно дали ги исполнувате условите за членство, во сите балкански држави има примери кога условите се исполнети, но не ја добивате заслужената награда. Во последниве години се зацврсти мислењето дека на нашите држави не им се дава заслужената награда“, изјави Васко Наумовски, амбасадор на Република Македонија во САД.
И покрај институционалната криза во Европската Унија и излезот на Британија од ЕУ, граѓаните на Западниот Балкан сѐ уште повеќе веруваат во Унијата отколку нејзините државјани. Балканот сѐ уште се соочува со политички, економски и регионални проблеми, за чие надминување многу можат да придонесат младите луѓе особено оние коишто се враќаат да вложат труд и знаење во своите родни земји.
Јеил е еден од најдобрите и најстарите универзитети во Америка, на кој во моментов студираат над 12 илјади студенти.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
