Израел: Усвоен нацрт- закон за забрана на разглас во џамиите во населени места
Кнесетот го одобри предлогот за отстранување на звучниците од минарињата во населените места во Израел. Вакви закони се веќе спроведени во неколку европски земји.

По вжештена дебата, израелскиот Парламент го усвои нацрт-законот за забрана на повиците преку разглас во џамиите во населените места. Допрва ќе се одлучува дали минарињата ќе стивнат во одреден период од денот или преку целото деноноќие. Забраната важи и за источен Ерусалим чиешто анектирање од Израел по војната на Блискиот Исток во 1967 година не беше признаено на меѓународно ниво. Предлогот на Кнесетот не се однесува на џамијата ал-Акса, третото најголемо светилиште на исламот, сместено во стариот град во Ерусалим.
За поддржувачите, мерката иницирана од десничарските партии е оправдана зашто ќе го подобри животот на сите граѓани.
„Законот ќе го заштити сонот на граѓаните, а нема да ги повреди чувствата на следбениците на јудаизмот, исламот или која било религија. Верата нѐ обединува сите“, вели Моти Јогев, партија Еврејски Дом.
За Арапите, коишто сочинуваат 20% од населението во Израел, ова е уште еден пример за дискирминација и оспорување на верската слобода. 80% од Арапите се муслимани. Преостанатите се подеделни речиси подеднакво на христијани и друзи.
„Никогаш не сме се мешале во верските церемонии на Евреите. Сега вршите расистички акт, се мешате во најчувствителното прашање на муслиманите и му штетите на исламот“, изјави Ахмад Тиби, пратеник на израелските Арапи.
Казната за непочитување на законот би била околу 2.700 американски долари.
Процесот до конечното гласање во Парламентот е долг. Наредната дискусија ќе се одржи во комитетот кој ќе расправа за двете верзии на предлог-законот.
Маја Филдишев
