Нови 90 професионални војници во АРМ

09.03.2017 14:35

90 нови професионални војници веќе еден ипол месец се во служба во Армијата. Распоредени се речиси во сите единици. Меѓу нив има и припаднички на понежниот пол. Девет армиски професионалци се ангажирани и во Полкот за специјални операции.

Новите 90 професионални војници на служба во Армијата се веќе месец и пол. Пред да ги потпишат договорите за работа на три години, поминаа неколкумесечни психофизички тестови и строга селекција на полигонот Криволак. Во тек е нивната обука во матичните единици, но тука не завршува нивното надоградување. Претпоставените старешини и порачаа достојно да ја носат војничката униформа.

„Патот до висококвалитет борец и припадник на АРМ е долг и макотрпен, полн со бројни предизвици и само добро обучен и храбар војник може да се справи со денешните многубројни закани по одбраната и безбедноста на Република Македонија“, рече главниот наредник, Миле Донев.

25 години градиме армија подготвена да ги брани територијалниот интегритет и суверенитетот на државата. Поставивме стандарди, професионалност, обученост, патриотизам и по тоа сме препознатливи, порача министерот за одбрана Јолевски.Одбраната е фокусирана на стандардот и опремувањето со современа техника според критериумите на НАТО. Поминувајќи ја строгата селекција, покажавте дека сте најдобри, им порача Јолевски на армиските професионалци.

„Вашата основна функција е борбената готовност, што значи подготвеност да се исполни уставната функција на АРМ, како гарант за територијалниот интегритет, суверенитет, независност и унитарниот карактер на Република Македонија. Стручното усвршување и тренингот се битни елеенти во вашата професија. Потребата за понатамошно усовршување во време кога најсовремената технологија напредува со галопирачка брзина е сѐ поголема“, нагласи министерот за одбана Зоран Јолевски.

Меѓу 90-те армиски професионалци има припадници од сите етнички заедници. Шест се од понежниот пол. Новите професионални војници е распоредени во сите единици на АРМ, девет од нив се во Полкот за специјални операции.

 

Милчо Велески