Иванов до Заниер: Платформата од Тирана треба да биде осудена и отфрлена

09.03.2017 15:01

Генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер во дводневна посета на Македонија. Одвоена средба со претседателот Иванов, со шефот на македонската дипломатија и со претставници на политичките партии. Платформата од Тирана треба да биде осудена и отфрлена исто како и мешањето во внатрешните работи во Македонија- ова шефот на државата му го соопштил на првиот човек на ОБСЕ.

Платформата од Тирана треба да биде осудена и отфрлена, бидејќи станува збор за мешање во внатрешните работи на Република Македонија. Тоа не помага за развој на добрососедските односи и безбедноста во регионот, порачал претседателот на државата Ѓорге Иванов на средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер во Скопје. Тоа е еден од условите за надминување на политичката криза, рекол Иванов.

Заниер побарал сите страни да бидат конструктивни во надминувањето на кризата, а изразил и загриженост за меѓуетничките тензии. Двајцата соговорници разговарале и за мигрантската криза и за зачувување на шенгенската зона.

Во колумна генералниот секретар на ОБСЕ побара граѓаните да бидат на прво место, да се зачува демократијата и да не се предизвикуваат тензии преку говорот на омраза.

Тој имаше средба и со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски.