Прекумерната тежина влијае на појава на бубрежни заболувања
Прекумерната телесна тежина влијае врз работата на бубрезите. На Светскиот ден на оваа лабораторија на човечкиот организам е потврдено дека хроничната бубрежна болест е застапена кај 10 насто од населението во светот, а се предвидува нејзино зголемување на 17 проценти во текот на следната деценија.

Луѓето со прекумерна телесна тежина имаат седумпати поголем ризик да развијат хронична бубрежна болест - велат лекарите. Нивното оштетување доведува до дијализа, а компликациите во лекувањето се поголеми. Лекарите велат дека при трансплантација, пациентите мораат да ја намалат телесната тежина, бидејќи таа може да доведе до инфекции, но и отежната работа на бубрегот.
„Во зависност од донорот ако бубрегот е од пациент со 40 до 50 килограми, а треба да биде пресаден кај пациент кој има 100 килограми, секако дека не би можело да има добро прифаќање на бубрегот“, изјави д-р Гоце Спасовски, нефролог.
Од Здружението „Нефрон“ велат, дебелината кај луѓето може да се намали и со воведување данок на брза храна, но и за нејзино рекламирање.
„Потребно е воведување на даноци, такси за сите прехрамбени артикли кои содржат шеќер, одобено за шеќерните пијалоци, ослободување или намалување на данок или субвенционирање на производи кои спаѓаат во здрава храна, рестрикција и високи даноци за маркетинг на храна од таков тип“, изјави Љубинко Трпеновски, Здружение за бубрежно болни „Нефрон“.
Пациентите велат дека условите за дијализа во здравените установи се подобрени, но побараа фокусот да се стави на трансплантацијата на бубрег.
„Следната работа на која треба да се фокусираме е да овозможиме сите оние кои имаат обезбеден орган за трансплантација да бидат трансплантирани. Сите кои се на листата на чекање можат да се надеваат дека во блиска иднина ќе добијат кадаверичен орган“, изајви Душко Ѓоргиев, Здружение за бубрежно болни „Нефрон“.
Пред две години лекарите во земјава извршија повеќе од 100 трансплантации, 12 беа кадаверични. По застој од една година, трансплантацијата на бубрези се врати во нормала. Нефролозите годинава извршиле трансплантации кај четворица пациенти.
Андријана Атанасовска
