Здравствениот дом во Ботола ќе го носи името „д-р Хаим Абраванел“
Во чествувањето на 74-годишнината од депортацијата на над 3.000 битолски Евреи за прв пат до Железничката станица се одржа и маршот на живите испраќајќи ја универзалната порака „Повеќе да не се повтори“, а здравствениот дом го доби името на некогашниот доктор Хаим Абраванел, втемелувач на битолското здравство.

Се зацврстуваат спомените за етничката заедница која пред 74 години преку ноќ исчезна од Битола. Здравствениот дом изграден на дел од некогашното еврејско мало ќе го носи името „Д-р Хаим Абраванел“, по некогашниот сограѓанин лекар Евреин. Единствениот потомок, внуката Шели Леви Друмер е пресреќна што е релизирана иницијативата за човекот кој за неа се грижел по загинувањето на семејството во скопскиот земјотрес. Вели- заминавме за Израел, но растев со приказните и љубовта на дедо ми кон Битола.
„Се сеќавам кај нас идеа разни луѓе за медицинска помош, но и за совет, вистински пријатели кои дедо ми ги сакаше како свои. Ова денешно именување на Здравствениот дом ќе му значеше многу доколку беше жив“, вели внуката Шели Леви Друмер.
Си-вито на Абраванел го оправдува потегот, велат медицинските лица.
„Тој бил прв доктор специјалист- интернист кој работел во Битола и околината, несебично секаде пружел здравствена заштита и е еден од оние што се вградил во повоеното битолско здравство“, вели заменик директорот на Здравствениот дом, Нада Наумовска.
Дека во целост ја исполнил Хипократовата заклетва сведочат и битолчаните кои како деца биле негови пациенти.
„Тоа беше една прекрасна личност и како лекар и како семеен пријател“, со емоции вели 77- годишната Нада Милошевска.
За прв пат во 74-годишното чествување од некогашната еврејска Синогога до Железничката станица, местото од каде заминаа над три илјади Евреи и никогаш повеќе не се вратија, се одржа и Марш на животот, испорачувајќи ја универзалната порака.
„Сакаме да ја пренесеме пораката дека сите заедно ќе соработуваме за да ги научиме сегашните и идни генерации- ова повеќе никаде и никогаш да не се повтори“, рече израелскиот амбасадор Дан Оријан.
Почестени сме да соработуваме со земја која го почитува своето минато, додаде амбасадорот Оријан не криејќи го задоволството од поддршката што ја даваат македонските релевантни фактори. Чествувањето заврши со отворањето на изложбата „Ерусалим го памети Монастир“.
Стевче Митревски
