РКЕ од 1-ви јануари ќе ја утврдува цената на водата

09.03.2017 16:16

Од 1-ви јануари 2018-та јавните комунални претпријатија, кои покриваат регион со повеќе од 10 илјади жители, ќе мора да го преминуваат тарифникот за утврдување на цената на водата за пиење, што ќе го изработи како предлог Регулаторната комисија за енергетика, додека за сите други даватели на услуги крајниот рок е 1 јануари 2019-та. Доколку комуналците не се усогласат со советите и со градоначалникот, ќе пресече Регулаторна, утврдувајќи регулирана тарифа за водната услуга која е задолжителна.

Регулаторна ги скрои методологијата и тарифникот за утврдување на цената на водата која треба да ја применуваат јавните комунални претпријатија и водостопанствата. Ќе бидат одредени и маргините во кои, во плус или минус, ќе можат да се движат цените кои финално ќе ги усогласуваат со општинските Совети и градоначалниците. Од Регулаторна ветуваат дека цените ќе овозможат предвидливи услови за работење на претпријатијата, покривање на оперативните трошоци, амортизацијата, односно подобрување на инфраструктурата, квалитетот на услугата и достапност на цените за сите граѓани.

„Регулаторната комисија за енергетика доставува решение за утврдување тарифа, во кое утврдува и опсега за користење на тарифите, односно со плус или минус проценти во однос на утврдената тарифа. Потоа јавните комунални претпријатија имаат обврска сето тоа да го усогласат со Советите на општините како и со градоначалникот. Во крајна линија, компаниите кои не се подготвени и не доставиле барање или не можат да се усогласат со тарифите кои ги дава како предлог Регулаторната комисија за енергетика, односно не донесат одлука, Регулаторна има ексклузивно право, делегирано во Законот, да утврди регулаторна тарифа за водната услуга која што ќе биде егзактна и единствена и извршна за компанијата која што треба да ја применува“, изјави Димитар Петров- претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Водоводните фирми имаа висок процент на загуба на водата, што според Петров е обврска која ќе падне на нивен товар. Треба да ја средат менаџментите и ќе влијае на успешноста на компаниите. Регулаторна ќе ја утврдува и тарифата за Водостопанствата што произведуваат сурова вода.

„Значи ќе имаме тарифа за сурова вода, тарифа за вода за пиење, тарифа за собирање и одведување на отпадни води и тарифа за прочистување. Сите овие тарифи се составен дел на вкупната цена, надоместокот што го плаќаат граѓаните“, вели Петров.

Македонија ќе има модел на централизирано утврдување на тарифите за водните услуги од едно регулаторно тело, модел кој се применува и во Италија, Унгарија, Бугарија, Грузија и други земји, иако има примери на членки на ЕУ каде се формирани посебни тела за оваа намена.

 

Свето Николовски