Експерти: Да се формира фонд за справување со глобални катастрофи
Воени конфликти, бегалци, епидемии, сиромаштија и климатски промени се главните глобални катастрофални ризици. Светот се уште не е подготвен ефикасно и брзо да ги спречи последиците од вакви закани. Затоа меѓународни експерти бараат формирање на фонд за справување со глобални катастрофи пред тие да се појават...

Конфликтите, бегалските кризи и пандемии како ебола и жика се проширија во повеќе држави поради бавниот одговор од светските организации. Оружјето за масовно уништување и нуклеарните проектили можат да предизвикаат смрт на милијарди луѓе на планетата. Меѓународни организации и експерти бараат начин за поефикасен одговор во случај на идни глобални катастрофални ризици.
„Кога ќе се случи криза, сите се согласуваат дека има потреба од пари и луѓе за справување со неа и дека помошта треба да се собере. Понекогаш времето е клучно во случај на меѓународна пандемија. Наместо да чекаме да се случи криза, важно е да имаме подготвен фонд за интервенција. Тој не мора да биде однапред собран, туку да се знаат државите коишто ќе донираат средства и луѓе за 24 часа“, изјави Кемал Дервиш, експерт на институтот „Брукингс“ во Вашинготн, поранешен шеф на УНДП и турски министер за економија.
Климатските промени ќе предизвикаат глад и раселување на 50 милиони луѓе до 2050-та година.
„На состанокот во Париз направивме коалиција од 25 држави членки на ОН кои донираа фонд од 3,2 трилиони американски долари за намалување на загадувањето со јаглерод диосид. Она што беше невозможно пред 5 години сега е реалност. 20 најголеми пензиски фондови во светот знаат за климатските промени и за ризиците од нив, и повеќето од нив вложуваат во овој фонд за справување со глобалното затоплување“, изјави Мат Андерсон, потпретседател на шведската Фондација за глобални предизвици и поранешен банкар во Шведска.
Екстремната сиромаштија во светот е се уште голема. Осум проценти од најбогатите луѓе во светот имаат поголемо богатство од сите сиромашни држави заедно. Во светот се појави закана од компјутерски напади што може да ја загрози безбедноста на милиони луѓе.
Обединетите нации, Светска банка и Меѓународниот Монетарен Фонд треба да бидат поефикански за да успешно се справат со идните глобални катастрофи.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
