Одложено рочиштето за насилствата во општина Центар

10.03.2017 12:07

Адвокатот Никола Додевски изјави дека обвинетите не се присутни затоа што сѐ уште не било постапено по решението на Советот на јавните обвинители да се одлучи кој обвинител го застапува случајот. Специјалната јавна обвинителка Јанева рече дека сѐ уште не го разгледале писмото од Советот на јавни обвинители...

Рочиштето за случајот насилство пред општина Центар се одложи за 3-ти мај затоа што обвинетите не беа присутни во судницата. Адвокатот Никола Додевски изјави дека обвинетите не се присутни затоа што сѐ уште не било постапено по решението на Советот на јавните обвинители да се одлучи кој обвинител го застапува случајот.

„Од страна на судечкиот судија е побарано обвинителскиот совет да одреди други обвинители во предметот, поради однесувањето на обвинителките Фатиме Фетаи и Катица Јанева на минатото рочиште. Вчера при вршењето на увидот констатиравме дека нема одлука од Советот на Јавни обвинители, што беше очигледно дека денеска не постојат процесни претпоставки да се одржи рочиштето и како што и претпоставуваме- рочиштето не се одржа“, изјави адвокатот Додевски.

Специјалната јавна обвинителка Јанева рече дека сѐ уште не го разгледале писмото од Советот на јавни обвинители.

„Најважно е предметите да тргнат во судот, најважно е судот да почне да работи. Најважно е ние да почнеме да расправаме за нашите предмети пред судот. Година и половина нашето обвинителство еден збор нема ставено на записник во Кривичниот суд. Ниту еден збор, во ниту еден предмет на главна распава. Тоа на нас ни е најголемиот проблем во овој момент“, изајви специјалната обвинителка, Катица Јанева.