Лидерите на ЕУ со недвосмислена поддршка за земјите од Западен Балкан
Лидерите на Европската унија со недвосмислена поддршка за европските перспективи на земјите од Западен Балкан. Иако во заедничката изјава не се споменува ниту една држава поименично, таа се смета за посветеност на долгорочните аспирации за членство во Унијата на Албанија, Босна, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија...

Пораката до земјите од Западен Балкан е јасна: Европската унија останува верна на ветувањата дадени во Солун и целосно е посветна на стабилноста и просперитетот на регионот, порача на синоќешната прес- конфернција, претседателот на Советот на Европската унија, Доналд Туск. Без поединечно прецизирање на ниту една држава, Туск оцени дека состојбата во регионот е тензична и е под непосредно влијание на надворешен фактор.
„За државите од регионот нашата порака е јасна- ЕУ останува верна на ветувањата, договорот од Солун, на стабилност и просперитет на регионот. Тензиите излегоа од контрола, делумно поради надворешни влијанија кои дестабилизираат неколку држави веќе одредедно време“, изјави Туск.
По вчерасниот прв ден од Самитот на европските лидери на кој централна тема беше и Западниот Балкан, заклучоците се сведоа на неколку реченици. Генерално, шефовите на државите и владите на државите- членки оценија дека ЕУ се оддалечила од регионот и дека сега е потребна поголема ангажираност. Дали причина за дестабилизирањето на регионот е поради игнорантскиот однос на Унијата изминатиов период, е оценката и прашањето на странските медиуми, особено по најавата на Јункер дека за време на неговиот мандат нема да има нова членка во Унијата.
„Не мислам дека беше грешка кога објавив во јули 2014-та дека нема да има проширување на Унијата за време на мандатот на оваа Комисија, бидејќи факт е дека ниедна кандидат-држава не е подготвена да се приклучи. Ние не ги прекинавме преговорите за пристапување, за тоа го назначив комесарот Хан, и тој одлично ја врши работата. Важно е државите од Западен Балкан да ја одржат својата европска ориентација, т.е. ние не отстапуваме туку влегуваме“, нагласи Јункер.
Инаку вчера беше реизбран старо- новиот претседател на Советот на ЕУ, Доналд Туск. Тој доби поддршка од сите, освен од својата матична држава Полска, која најави дека нема да ги прифати заклучоците од Советот. На елоквентен и доста дипломатски начин, Туск одговори како во иднина ќе комуницира со полската влада.
„Ќе комуницирам со полската влада на полски“, рече Туск.
На вторит ден од самитот лидерите дискутираат за иднината на ЕУ и 60- годишнината од договорот во Рим.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
