Нова опрема за болницата „Свети Еразмо“ во Охрид

10.03.2017 14:26

Министерот за здравство, Никола Тодоров, нагласи дека значајно е тоа што болницата првпат ќе добие дигитален рендген апарат, имајќи предвид дека во моментот во болницата функционира аналоген рендген апарат.

Министерството за здравство ја почна постапката за набавка на нова опрема за специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид. Инвестицијата е вредна 2 милиона евра. Предвидени се над 500 парчиња опрема, но и мебел. Се работи за дел од големиот инвестициски циклус вреден 33 милиони евра.

Министерот за здравство, Никола Тодоров, нагласи дека значајно е тоа што болницата првпат ќе добие дигитален рендген апарат, имајќи предвид дека во моментот во болницата функционира аналоген рендген апарат.

Со новиот дигитален апарат ќе овозможиме многу побрзо добивање на рендген снимките, што е значаен бенефит за пациентите од аспект на побрзо дијагностицирање а со тоа и навремен третман, рече Тодоров. Потенцира дека досега во установата немало оперативен микроскоп за неврохирургија, а сега се набавува ваков апарат со кој ќе се вршат најсложени операции на глава и ’рбет.

Комплетно ќе се доопреми интензивната нега, со нови специјализирани кревети за интензивна нега со пациент монитори, перфузори, дефибрилатори, што значи комплетно унапредување на третманот на најкомплексните случаи.