Заев презентираше предлог- владина програма

10.03.2017 14:50

Претседателот на СДСМ потенцира дека новата влада ќе биде реформска за исполнување на стратегиските интереси на Република Македонија. Најави зголемена контрола на буџетот и на трошењето на буџетските пари, независен и ефикасен правосуден систем, еднаков пристап до правдата на сите граѓани...

Имаме програма за подобар живот на сите граѓани, за развој на економијата, за правна држава, за ефикасни институции, за интеграција во ЕУ и во НАТО, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, промовирајќи ја владината програма. Тој вети дека не се доведуваат во прашање унитарноста и суверенитетот на Република Македонија.

Претседателот на СДСМ потенцира дека новата влада ќе биде реформска за исполнување на стратегиските интереси на Република Македонија. Најави зголемена контрола на буџетот и на трошењето на буџетските пари, независен и ефикасен правосуден систем, еднаков пристап до правдата на сите граѓани, формирање специјално одделение во Основниот суд Скопје 1 за предметите на СЈО, контрола на следењето на комуникациите за кривичните истраги и за безбедносни прашања, атмосфера во која ќе се развиваат слободни медиуми.

Најави и расветлување на кумановските настани, а за тоа, рече, ќе побараат и меѓународна поддршка за истрагата.

Ќе донесеме, додаде, и закон за унапредување на јазиците, кој ќе овозможи сите граѓани полесно да функционираат во комуникациите со државните институции и тоа да биде во рамките на Уставот.

Силно веруваме, потенцира тој, во концептот едно општество за сите. Македонија ќе се гради како граѓанска држава. На граѓаните Албанци ќе им овозможиме да комуницираат со институциите на својот јазик. Сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права, рече Заев.

Најави дека ќе чека Иванов да му го додели мандатот за формирање нова влада.

Не сакаме да воведуваме нови пракси во Македонија. Затоа сме вака упорни и пред граѓаните и пред господинот Иванов. Сакам да го разубедам господинот Иванов дека нема повеќе платформи и планови, има единствено програма за идна влада на Република Македонија.