Се одложи судењето за насилствата во Центар
Се одложи рочиштето за насилствата во општина Центар за 3-ти мај. Екс премиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова, како и другите обвинети не се појавија на суд, иако биле уредно поканети. Судијката Татјана Михајлова посочи дека доколку и следниот пат не се појават, ќе бидат активирани други механизми за да бидат обезбедени на рочиштето.

Екс- премиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски пратеничката Даниела Рангелова и другите обвинети за насилствата во општина Центар не дојдоа на главната расправа. Адвокатот на Груевски, Никола Додевски изјави дека никој од обвинетите не бил присутен затоа што не било постапено по одлуката на Советот на јавни обвинители за смена на Фатиме Фетаи од случајот.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече се уште не го разгледале писмото од Советот на јавни обвинители. За неа е најбитно, рече, судот да почне да ги процесуира предметите.
На 22-ти февруари, судијката Михајлова го прекина рочиштето, откако ги казни обвинителките од Специјалното јавно обвинителство, Јанева и Фетаи со по 2.000 евра поради непочитување на судот. Советот на јавни обвинители оцени дека Јанева и Фетаи го прекршиле кодексот и предложи да се назначи нов обвинител во овој предмет. Бидејќи се уште не е одлучено по жалбата на СЈО за издвојување на доказите во форма на прислушувани разговори судијката Татјана Михајлова, рече дека предметот ќе биде пратен во Апелација.
Фиљана Кока
