25 години од преземањето на караулата „Рамна Нива“
Во изминатиов период, во континуитет градиме држава и оружени сили според евроатлантските стандарди, порача претседателот и врховен командант Ѓорге Иванов.

Одбележани 25 години од преземањето на караулата „Рамна Нива“, од резервниот состав на македонската Армија. Во изминатиов период, во континуитет градиме држава и оружени сили според евроатлантските стандарди, порача претседателот и врховен командант Ѓорге Иванов.
Односот помеѓу активната и резервната компонента на Армијата на Република Македонија мора да го трансформираме во согласност со мисијата и со задачите на АРМ, прилагодени за ефикасна одбрана на целата територија на Република Македонија. Во функција на ова, приоритетна цел за нас ќе биде одбранбеното планирање, кое јасно ја дефинира потребата од изедначување на оспособеноста и опременоста на резервата на ниво на активната компонента, истакна во обраќањето македонскиот претседател.
Иванов посочи дека современите безбедносни предизвици со кои се соочува Македонија бараат примена на современ, унифициран и сеопфатен систем за образование и обука како на активниот, така и на резервниот состав на Армијата на Република Македонија и дека резервните сили треба да се трансформираат во поефикасна вооружена компонента, со соодветна и прилагодена организациска структура.
На воената свеченост покрај претседателот Иванов присуствуваше и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, генерали на АРМ, Командата на резервните сили, претставници од МВР, локалната самоуправа, организација на резервни воени старешини и други гости.
