Јужна Кореја: Парк отстранета од функцијата, две лица загинаа на протестите
Две лица загинаа на протестите против судската одлука за отстранување на јужнокорејската претседателка Парк Геун Хие од функцијата поради корупциски скандал. Пресудата следува по неколкумесечни политички превирања и протести.

Со едногласна и историска одлука, Уставниот суд во Јужна Кореја ја смени претседателката Парк Геун Хје поради корупциски скандал во кој нејзината пријателка и советничка Чои Сун сил принудувала компании да донираат милиони долари на фондации коишто ги контролирала. 65-годишната Парк го загуби претседателскиот имунитет и се соочува со криминално обвинение. Освен што е прва жена претседател, Парк е првиот демократски избран лидер што е сменет од функцијата.
„Придобивките од бранењето на Уставот со отстранување на претседателката се големи. Поради тоа, сите судии донесоа едногласна одлука. Од функција ја отповикуваме Парк Геун Хје“, изјави судијата Ли Јунг Ми.
Нејзините поддржувачи се собраа пред објектот, при што загинаа двајца демонстранти. На улиците излегоа и оние кои очекуваа од неа да се повлече од функција. В.Д. претседателот Хванг Кјо-ан повика на смиреност, потенцирајќи дека владата мора да остане стабилна за да се спречи ширење на внатрешниот конфликт. Од кабинетот соопштија дека Парк нема да ја напушти резиденцијата и нема да дава изјави за судската одлука.
Уставот предвидува претседателските избори да се одржат во следните 60 дена.
Маја Филдишев
