Нови мерки за вработување: Објавен оглас за компјутерски вештини и странски јазици

10.03.2017 16:06

Промовирани нови активни мерки за вработување. Објавен е оглас за стекнување со основни компјутерски вештини и учење странски јазици. Преку него, невработените треба да се стекнат со поголеми квалификации за полесно да се вклучат на пазарот на труд.

По зголемената побарувачка на пазарот на трудот напредната ИТ технологија станува сѐ поатрактивна професија. Со започнувањето на реализацијата на мерката „Обуки за општи вештини“, нови 2.000 лица до 29-годишна возраст ќе добијат шанса да ги совладаат основите на компјутерските вештини и на англискиот, германскиот и францускиот јазик. За овие две мерки и во изминатиот период имаше голем интерес.

„Во изминатите години обуките за основни компјутерски вештини ги искористиле близу 3.000 лица, а за трите странски јазици околу 5.500 лица бројки кои говорат за покажан голем интерес“, вели министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

По стекнувањето на основните вештини, поквалитетните можат да аплицираат на огласите за изучување на понапредните вештини. Од Агенцијата за вработување велат дека ови кадри полесно доаѓат до вработување.

„Само за последните две години од илјада лица што ги поминале основните компјутерски вештина близу половината нашле работа. Сличен е соодносоот кога се во прашање и странските јазици“, вели директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски.

Стимулативните мерки овозможија и развоен концепт, велат сопствениците на ваквите фирми.

„Во моментов имам 39 вработени од кој половината своето место си го заслужиле преку стимулативните мерки што ни ги овозможи владата“, вели сопственикот на компанија,  Владимир Ровевски.

Потенцијалите на овие професии се големи и кај домашните и кај странските инвеститори. Од Агенцијата за вработување очекуваат тие да бидат еден од главните адути во борбата за намалување на невработеноста, но и дека имаат значителен удел во најновиот податок на статистика за пад на невроботеноста на 23,1 проценти.

 

Стевче Митревски