Зоран Заев претстави владина програма, бара од Иванов да ја промени одлуката
Зоран Заев претстави владина програма. Рече дека нуди подобар живот за сите граѓани, развој на економијата, правна држава, ефикасни институции, интеграција во ЕУ и во НАТО. „Со програмата не се доведуваат во прашање унитарноста и суверенитетот на земјава“- изјави тој. Смета оти сега е на потег претседателот Иванов, да му го даде мандатот.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев презентираше владина програма. Рече дека опфаќа 12 цели- од едно општество, преку подобар стандард за граѓаните до членство во НАТО и Европската унија. Заев вели дека со содржината во владината програма не се доведуваат во прашање унитарноста и суверенитетот на Република Македонија.
„Ги повикувам партиите со коишто го формиравме парламентарното мнозинство да ја поддржат Програмата на новата реформска Влада и да бидат дел од таа Влада. Ја повикувам идната опозиција да ја искоментира Програмата на новата Влада на граѓаните на Македонија и да ја поддржи. Ќе ја почитуваме опозицијата. Никогаш нема да работиме на нејзино уништување. Вашиот глас, почитувани граѓани е слушнат. Ви ја соопштив прецизно Програмата на новата Влада којашто се темели исклучиво на Уставот. Го повикувам Ѓорге Иванов, и покрај тоа што нема уставна ингерернција, да констатира дека постои Програма на новата Влада којашто е интерес на сите граѓани на Македонија“, рече Заев.
Првиот човек на Социјалдемократите, повикувајќи се на екпсертски мислења, изјави дека е неуставно менувањето на банкнотите и на униформите. Тврди дека лично е против менување на знамето, а за промена на името ќе бидат консултирани граѓаните. Заев нема против Албанец да биде претседател на Собранието, а промената на Законот за јазиците би била со цел граѓаните подобро да ги извршуваат своите потреби.
„Уставните експерти што ги консултираме се на ставот дека, денарите, банкнотите се користат на целата територија на Република Македонија и евентуалната употреба на друг јазик при нивната изработка е спротивна на Уставните одредби. Со оглед на тоа што постои единствен состав на полицијата и на Армијата на Република Македонија на територијата на Република Македонија, правењето разлики на униформата не е во согласност со Уставните определби“, изјави Заев.
Прашан за албанската платформа, Заев со коментар дека на почеток имало разни ставови, но, сега се повикува на новата владина програма. За отворените прашања останува отворена можноста за дебатата. Повика претседателот Иванов да му го додели мандатот за нова влада.
Миле Ристески
