Дипломатска војна меѓу Турција и Холандија

13.03.2017 10:19

Не престануваат вербалните препукувања на релација Анкара- Хаг. Холандскиот амбасадор во Tурција е прогласен за персона нон грата, на турската министерка за труд ѝ беше забрането учество на собирите за поддршка на Eрдоган. Во Eвропа живеат 4,6 милиони турски доселеници кои го поддржуваат Eрдоган во настојувањето да го смени Уставот со кој се даваат поголеми претседателски овластувања. Четири земји во Европа го забранија присуството на турски официјални лица на овие собири. Ердоган најави- Турција ќе реагира жестоко.

По жестоката реторика кон Германија, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини и холандските власти за нацизам и фашизам откако го забранија јавниот говор на двајца турски министри за промовирање на референдумот за уставна промена на Турција.

„Последните случувања го покажаа вистинското лице на Западот. Мислев дека нацизмот заврши. Но Европа пак спроведува расизам. Каде е ЕУ? Кога ги критикувам, не им е пријатно“, изјави претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

За холандскиот премиер се неприфатливи коментарите и споредбите со нацистите.

„Холандија беше бомбардирана во Втората светска војна од нацистите. Оваа реторика е неприфатлива. Не постојат никакви оправдувања“, изјави холандкиот премиер Марк Руте.

Во насилните протести во Ротердам беа уапсени 12 лица. Протести имаше и пред холандскиот Конзулат во Истанбул каде што беше симнато и заменето знамето на Холандија со турското знаме. Поради дипломатскиот спор, премиерот на Данска му предложил на турскиот колега Бинали Јилдирим да ја одложи посетата планирана за 20 март.

Тензиите почнаа со Германија која им забрани на турските политичари да лобираат за референдумот за промени на политичкиот систем во претседателски со што Ердоган би имал неограничена моќ.

„Се надевам дека разумот ќе се врати во Турција. И оваа земја зависи од соработката со Европа. Но ако не сакаат, нема да соработуваме. Не може да го толерираме ова, не сакаме да ексалира ситуацијата“, изјави Волфганг Шојбе, министер за финансии на Германија.

Покрај овие две земји, и Австрија и Швајцарија забранија јавни говори на турските министри на собирите за гласањето на 16-ти април. Официјална Анкара спроведува кампања во европските земји каде што живеат лица со турско потекло, од кои повеќето имаат двојно државјанство.

 

Маја Филдишев