Нов инструмент за анализа на виното

13.03.2017 12:42

Според надлежните, винариите сега ќе можат да се фокусираат на производство на флаширано вино и на постигнување на повисоки цени.

Државната фитосанитарна лабораторија набави нов инструмент за анализа на виното со кој само за десет минути ќе се анализираат покрај седумте основни параметри и останатите, што ќе треба да придонесе за подиганње на конкурентноста на македонското вино.

Според директорката на Државната фитосанитарна лабораторија Сузана Кратовалиева, анализите се очекува да го поттикнат производството на флаширано вино за извоз, но индиректно да придонесат и за развој на винскиот туризам.

Лабораторијата првпат ќе почне и со анализа на биогени амини кои досега не се одредуваа никаде во државата, а се чувствителна категорија на секундарни метаболити кои се јавуваат во различни количини при производството на вино. Во различни земји, зависно од вкусот на потрошувачите, дозволена е и различна концентрација на биогените амини.