Боледувањето на судијката го одложи рочиштето за случајот „Тврдина 2“

13.03.2017 14:29

Во судницата не беа присутни првоообвинетиот Горан Грујовски и останатите шестмина обвинети. Според СЈО, добиле одговор од МВР по барањето за јавност на дел од доказите. Обвинетите се товарат за незаконско уништување на документација поврзана со системот за прислушување во УБК. Ново подготвително рочиште е закажано за 5-ти мај.

Две решенија со кои се декласифицираат поголем број докази издал министерот за внатрешни работи Нухиу, постапувајќи по барањето на Специјалното обвинителство за случајот „Тврдина 2“. На подготвителното рочиште обвинителката Ленче Ристоска, го информираше судот дека добиле негативен одговор на барањето за декласификација на деловодните книги на УБК.

Ристоска се пожали на отежнета соработка со УБК, бидејќи, како што рече Управата одбива да ја прими поштата на Специјалното обвинителство, поради што сите дописи ги доставувале преку министерот Нухиу.

Подготвителното рочиште се одложи, бидејќи судиката отворила боледување, па на закажаниот термин не дојдоа ниту обвинетите.

Процесот во јануари се одложи затоа што УБК не му дала прецизен одговор на СЈО дали смее да ги користи доверливите документи како доказ на главната расправа.

Во случајот „Тврдина 2“ обвинети се седум лица за незаконско уништување на документација поврзана со системот за прислушување во УБК. Ново судско рочиште е закажано за 5-ти мај.

 

Анита Димитријевска