Како до безбедно и навремено снабдување на економијата со стоки и енергенси?

13.03.2017 15:35

Поради 19 дневните протести на грчките земјоделци и 14- дневниот штрајк на железничарите, македонските компании претрпеа штети чиј износ сѐ уште не е познат. Беше нарушен процесот на снабдување со суровини како и навремената испорака на готовите производи до купувачите во странство. Стопанската комора иницира тркалезна маса која треба да даде одговор, како да се обезбеди навремено снабдување на економијата со сите потребни стоки и енергенси во вакви услови.

Македонската економија мора да обезбеди непречено функционирање на Кородорот 10, како и слободен пристап до Солунското пристаниште, доколку сака нормално да работат компаниите и да обезбеди раст на економијата во услови на незавршен Коридор 8. Тринеделните протести на грчките земјоделци и двонеделниот штрајк на железничарите предизвикаа 130 илјади тони стоки да останат заглавени во Солунското пристаниште, предизвикувајќи нарушување на снабдувањето со суровини, репроматеријали и енергенси на домашните компании. За да ги намали штетите на корисниците на услугите поради вонредните околности, менаџментот на Солунското пристаниште донел одлука со која ќе се анулираат сите дополнителни трошоци за складирање, предизвикани од протестите на земјоделците во Грција.

„Во периодот кога беа блокадите во еден период се собраа 130 илјади тони стоки, кои стоеја на доковите на Солунското пристаниште. Доколку не беше оваа одлука во петокот на Управниот одбор на пристаништето, покрај трошоците поради ненавремената достава до индустриските капацитети тие ќе беа оптеретени уште и со трошок за складирање“, изјави Иван Петровски, претседател на Македонската транспортна асоцијација.

Од тие причини бизнис- заедницата иницира тркалезна маса со учество на сите чинители, која треба да понуди одговор на сите предизвици, поврзани со сигурноста во снабдувањето на компаниите со суровини, репроматеријали и енергенси. како и непречен извоз на готовите производи на странските пазари.

„Целта е да се презентираат главните прашања кои што се поврзани со сите предизвици, можности и расположливи во сигурноста на снабдувањето со нафтени деривати и други стоки кои што се неопходни за тековните потреби и тековното работење на стопанството“, изјави Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанска комора на Макеоднија.

„Да ви покажеме што значи за Македонија во постојните услови Коридор 10, што значи Коридор 8 и што значи моменталната инфраструктурна поставеност на граничните премини и сите други работи потребни за снабдувањето на земјата“, вели Ристо Јаневски, претседател на Здружение на енергетиката.

Дополнително треба да се има во вид и фактот дека во Грција две големи државни компании се отворија за приватниот капитал, вели Петровски. Во Солунското пристаниште влезе глобален транспортен оператор, а грчките железници се отвораат за приватни транспортни компании.

Свето Николовски