Исплаќање на субвенциите за да нема загуби

13.03.2017 16:12

Претставници на земјоделските здруженија на средба со ресорниот министер Цветков. Побараа да се реши проблемот со исплатата на субвенциите, кој настана поради политичката криза. Предупредија дека во спротивно ќе претрпат големи загуби. Од Цветков добија одговор дека интензивно се работи на изнаоѓање решение во рамките на законот.

Без исплатата на субвенциите, не ќе може да почне пролетната сеидба, а загубите ќе бидат неизбежни- предупредуваат земјоделците. Финaнската поддршка во мометов е блокирана поради политичката состојба. Очекуваат до следната средба, да се реши проблемот, во спротивно, можни се и протести.

„Субвенциите влијаат во најголемата мерка при инвестирање за новиот старт на производство, без разлика дали станува збор за животинско или растително производство“, изјави Ристо Велков, Сојуз на синдикат на земјоделци- Струмица.  

„Ние земјоделците сме во полн ек и мора да работиме за тоа ни се потребни средства. Ние не можеме да чекаме, немаме време за чекање, треба да аргатуваме, а тоа бара пари“, вели Љупчо Аризанов, Сојуз на лозари „Агротиквешија“.

„Доколку имаме позитивни реакции од Министерството и од Владата ќе дефинираме кога ќе почне исплатата на субвенциите, доколку работите повторно ни се презентираат негативно, дека нема начин и услови за исплатата, тогаш ќе се договориме кои чекори ќе ги преземеме“, изјави Никола Стаменов, Федерација на фармери на РМ.

Ресорниот министер Цветков вели дека се бара начин, исплатата да биде согласно со законот.

„Еве одам на владина седница и мора да ги разгледаме сите проблеми и да најдеме решение. Доколку земјоделците не ги добијат субвенциите ќе имаат проблем во реколтата за оваа година, односно нема да можат да ги обезбедат потребните ѓубрива, пестициди, а производството ќе биде помало“, изјави министерот за земјоделство, Михаил Цветков.

Законот за избори не дозволува исплаќање на субвенциите за земјоделците до формирање влада. Нивната исплата се коси и со други закони, како антикорупцискиот и кривичниот закон- објаснува Цветков. Се подготвуваат законски измени.

 

Андријана Атанасовска