Претседателот Иванов не го менува ставот
„Пречките за определување мандат за состав на влада сѐ уште не се остранети“- претседателот Иванов останува на својот став, потврдуваат од Кабинетот на шефот на државава. СДСМ одговори- што поскоро Иванов го даде мандатот, толку побрзо ќе се стабилизира Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ги повика Социјал-демократите да се откажат од Тиранската платформа, во спротивно, бараат парламентарни заедно со локалните избори.

Пречките за определување мандат сѐ уште не се отстранети, велат од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, по повиците од СДСМ, Иванов да го додели мандатот на Зоран Заев. Ставот останува ист како од први март кога во обраќањето претседателот Иванов од лидерот на СДСМ, Зоран Заев побара да ја отфрли и осуди Тиранската платформа, со која, се доведуваат во прашање темелните државни интереси на Република Македонија и нејзините граѓани. Нема да дадам мандат ниту на човек, ниту на партија што се залага или во својата програма има платформа за уривање на суверенитетот, територијалниот интегритет и самостојност на Република Македонија, изјави претседателот Иванов.
А Социјал- демократите се на став дека колку побргу го добијат мандатот од Иванов толку побргу ќе се стабилизираат состојбите во земјава. Со албанскиот блок партии неделава тие ќе ги започнат консултациите околу конститутивната седница и избор на нов претседател на Собранието.
„Најавивме дека во текот на оваа недела со партиите кои го претставуваат владиното мнозинство ќе направиме консултации, за да се одржи конститутивната седница во Собранието на РМ, а штом во врска со тоа ќе име созреана информација, ќе ја споделиме со јавноста“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Со одбивањето да ја отфрли Тиранската платформа, Зоран Заев ја отвори пандорината кутија за редефинирање на Република Македонија, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Преговорите врз основа на Албанската платформа оставаат можности поединци или групи да го негираат македонскиот идентитет и да искажуваат територијални претензии- сметаат во ВМРО-ДПМНЕ.
„Зоран Заев мора да собере храброст, да го послуша народот и да ги отфрли уцените. Не може трите потписи на Зијадин Села да бидат поважни од македонскиот идентитет. Срамно е да се соработува со некој кој во лице те негира и ти кажува дека пред 100 години не си ни постоел. Затоа ВМРО-ДПМНЕ го повикува СДСМ да се откаже од Тиранската Платформа и реализација на елементите кои што се содржани во неа“, изјави Лилјана Затуроска, ВМРО-ДПМНЕ.
По најавата дека неделава ќе почнат разговорите за нов претседател на Собранието, во партиите молк какви чекори ќе бидат преземени. Една од варијантите е, брифираат од Алијансата на Албанците, со 20 доставени потписи до поранешниот претседател на Собранието, Вељаноски да се побара свикување на продолжението на првата седница на која би се избрал новиот спикер. Во БЕСА засега се воздржани и велат дека до нив не пристигнал никаков предлог од СДСМ, ДУИ и Алијансата.
Миле Ристески
