Европски парламент: Одложена расправата за напредокот на Македонија
Европскиот парламент ги одложи расправата и гласањето на Резолуцијата за напредокот на Македонија. Причината е политичката ситуација во нашата земја.

Одлуката на Европскиот парламент можеше да се очекува, бидејќи тоа беше најавено како можност уште минатата недела. Иницијално расправата беше предвидена во среда и гласањето во четврток, заедно со распрвата за Црна Гора. Европратениците одлучија да го одложат гласањето најмалку за идниот месец, поради продолжената политичка криза во земјата.
На брифингот за печатот, пред почетокот на пленарната сесија во Стразбур дојде појаснување зошто е одложена расправата за реозлуцијата на Иво Вајгл.
„Одложувањето на расправата и гласањето е поради ситуацијата која владее во Македонија. Одлучено е да се почека и да види што ќе се случи. И во функција на начинот на кој нештата се одвиваат во земјата, тогаш известувачот ќе утври нов датум за усвојување на извештајот на пленарната сесија“, изјави портпаролот на групата на либералите.
Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, во прeдложената резолуција за која требаше да се расправа во Стразбур, на Македонија ѝ даде осма последователна препорака за отворање на преговорите за члеснтво во Европската унија, но условена со целосно исполнување на договорот од Пржино и на итните реформски приоритети на Европската комисија. За да биде полноважечка, резолуцијата мора да биде изгласана и од страна на сите 751 пратеници во Европскиот парламент.
Резолуцијата нема правно дејство, туку само советодавно им служи на ЕУ-институциите и на земјите-членки на Унијата. Но, со самото одложување на нејзиното гласање во Стразбур, се испраќа јасна порака до македонските политичари да ја преземат одговорноста за иднината на земјата.
Тони Гламчевски, постојан допиник од Стразбур за МРТ
