Наградени најдобрите студенти на УКИМ
Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на студентите им додели 21 награда и пофалница. Доделена беше и наградата „26 јули“ за најдобрите студенти за 2015- 2016 година од областа на архитектурата, општествените науки и уметноста, како и наградите од фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“.

Јорданка Чанева е студент со најдобар просек на Градежниот факултет за учебната 2014/2015 година. Дипломирала со просек 9,8. Сега е на магистарски студии на Институтот за земјотресно инженерство. Иднината ја гледа во земјава- вели, работа за нејзината струка има.
„Освен признанијата и наградата Инженерски прстен друга помош од државата не сум имала. Конкретно за мојата струка има работа се наоѓа, просперитетна е, но мора и натаму да се вложува труд. Во иднина се гледам тука, во државата, можеби во институцијата каде што сум сега, во Институтот за земјотресно инженерство, но сепак повеќе во делот наука отколку практика“, изјави Јорданка Чанева, студент на Градежен факултет.
Од вкупно 21 награден студент од универзитетот „Кирил и Методиј“, само 14 лично го подигнаа признанието. За седуммина, член од семејството беше присутен во нивно име. Синот на Анастасова е на постдипломски студии во Шкотска. На економскиот факултет во Скопје дипломирал со просек 10.
„Тој е во Единбург на постдипломски студии. Беше примен на четири факултети, но тој одбра да биде на море и мислам дека не погреши. За жал, желбата му е да остане надвор од државата“, изјави Жаклина Анастасова, родител на награден студент.
Денешниот чин е признание на државата за големиот успех и придонес на овие студенти кон развојот на унапредувањето на дејностите на УКИМ, особено во наставно- образовната дејност, вели ректорот Јанкуловски.
„Нашите најдобри студенти со нивните успеси постигнати во текот на студиите учествуваат во дефинирањето на смерниците на континуираното подигнување на квалитетот на студирањето на УКИМ како најстар, најдобар и најголем универзитет во Република Македонија“, изјави Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ.
Доделена беше и наградата „26 јули“ за најдобрите студенти за 2015- 2016 година од областа на архитектурата, општествените науки и уметноста, како и наградите од фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“.
Андријана Атанасовска
