Метеж пред УЈП, истекува рокот за поднесување даночна пријава
Метежи пред Управата за јавни приходи. Утре истекува последниот рок за поднесување на даночните пријави. Заклучно со вчерашниот ден биле поднесени над 360.000 пријави. Се очекуваат околу 420.000. Од Упрвата за јавни приходи најавуваат нови законски измени по однос на пријавувањето на персоналниот данок од доход.

Последни часови пред истекот на рокот до кога граѓаните може да поднесат годишна даночна пријава и да ги пријават остварените дополнителни приходи од 2016 година. Метеж пред канцелариите на Управата за јавни приходи, но службите се ефикасни, работата врви- велат граѓаните.
„Не се чека многу... Сега само што дојдов, 5 минути чекам“, велат граѓаните.
Вкупно се очекуваат околу 420.000 пријави. Заклучно со влерашниот ден се поднесени 362.000.
„Заклучно со вчерашниот ден се поднесени 362.000 годишни даночни пријави. УЈП очекува денес и утре, 14-ти и 15-ти март да се поднесат уште вкупно 40-50 илјади годишни даночни пријави“, изјави Мухедин Авдиќ, УЈП.
Од Управата информираат дека во идниот период ќе се реализира проект со кој обврзниците ќе немаат обврска да поднесуваат приајви, туку ќе доставуваат потврда или корекција на пополнетата пријава од страна на УЈП.
Од година во година се зголемува бројот на поднесени годишни даночни пријави. Ако во 2007-ма година биле поднесени околу 77.000, годинава се очекуваат 420.000.
На последниот ден, шалтерите на УЈП за прием на годишни даночни пријави ќе работат до 20 часот.
Дијана Ценевска
