Академиците со различни ставови за кризата

14.03.2017 16:06

На 50-тото Годишно собрание на Македонската академија на науките и уметностите не произлезе заеднички став за актуелните политички збиднувања. Академик Маџунков со конкретно барање- да се отфрли Тиранската платформа. Наспроти него, академик Ќулавкова друг став- последно што му треба на МАНУ е да застане од страната на изманипулираната патриотска платформа...

Различни мислења на македонските академици во однос на политичката криза во која се наоѓа Македонија. Академик Манџуков со директен повик- МАНУ да застане во одбрана на земјата бидејќи со албанската платформа ѝ се заканува редефинирање до непрепознатливост, а барањето за двојазичност води кон нејзино уништување.

„Целосно уништување на Македонија или нејзино претворање во Албанија. Тоа е всушност проект за Голема Албанија, платформата е акт кој веднаш и безрезервно треба да биде отфрлен од страна на МАНУ како националистички и иридентистички акт во кој се чувствува експанзионистичкиот карактер на Призренската лига“, смета академик Митко Манџуков.

Треба да се повлечат сите платформи- порача академик Ќулавкова. Според неа, ВМРО-ДПМНЕ манипулира со албанската платформа за да остане на власт.

„Целиот овој хистерично патриотски македонски дискурс којшто е реплика на платформата на албанските партии, во голема мера содржи елементи на една политичка тактика за дефокусирање на јавноста, а и на тековите од она што е примарен проблем- слободата на говорот, криминалот и мирниот трансфер на власта на демократски начин, од претходните структури кон новите“, вели академик Катица Ќулавкова.

Дописниот член на МАНУ, Зекири не се согласува со дел од дискусиите. Вели дека не постои Тиранска платформа.

„Не се согласувам со тоа дека има Албанска платформа, тоа е една изјава на политичките партии со одредени прашања кои произлегуваат од програмите на тие партии, како што е употребата на јазиците, рамномерен регионален развој, правна држава, функционални институции“, вели Изет Зекири.

Претседателот на МАНУ, Таки Фити во своето експозе рече дека политичката криза влијае со назадување во сите облaсти во општеството, а нејзиното мирно разрешување е крајна цел.

„Состојбата е премногу сериозна и тензична. Неопходно е сите политички субјекти во земјава да разберат дека е потребна една мала искра за разгорување на внатреетнички и меѓуетнички судири, кои можат комплетно да ја дестабилизираат земјата. Оттука е потребно, без одлагање, дебатите за клучните реформски приоритети и за прашањата за меѓуетничките односи, да се вратат и да се одвиваат во институциите на системот“, нагласи претседателот на МАНУ, Таки Фити.

Академик Иван Кантарџиев предлага пописот да биде земен за програмска определба на МАНУ, затоа што речиси две децении нема пребројување на населението по сите основи, како и на материјалните добра.

 

Миле Ристески