Сенатори бараат од Тилерсон да спроведе истрага за амбасадата во Македонија
Сенатори испратија писмо до американскиот државен секретар Рекс Тилерсон со барање да се спроведе истрага во Стејт Департментот околу сомневањата, според кои администрацијата на Обама се мешала во изборите во Македонија. Во писмото се наведува, биле финансирани левичарски организации.

Во писмото до Тилерсон потпишано од шестмина сенатори се наведува дека администрацијата на Обама се мешала во изборите во Европа, Латинска Америка и Африка.
„Како што веќе сте запознат, Македонија е во процес на формирање на коалициона влада по изборите одржани во декември 2016-та, но за жал добивме кредибилни извештаи дека во изминативе неколку години, Американската амбасада активно се мешала во политиката во Македонија и обликувањето на медиумите и граѓанското општество преку пристрасност кон левичарски политички групи. Испративме писмо до Американскиот амбасадор во Македонија за неговата улога при доделувањето на американската помош, но одговорите на писмата не ја намалија нашата загриженост. Многу од загрижувачките активности во Македонија оделе преку УСАИД, со финансирање на Фондацијата отворено општество Македонија, за поддршка на левичарски партии. Нашата странска помош треба да ги штити нашите интереси, а не да ги нарушува односите со граѓаните на овие држави. Бараме да ја искористите својата моќ за да ги истражите сите фондови за промоција на демократијата и сите програми и лица инволвирани во вакви активности“, се наведува во писмото до Тилерсон потпишано од сенаторите Мајк Ли, Џејмс Инхоф, Том Тилс, Дејвид Пердју, Тед Круз и Вил Кесиди.
Сенаторите исто така наведуваат дека преку СОРОС, американските дипломати се мешале и во политиката во Албанија.
Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон не прашувал за ситуацијата на Балканот како што објавија некои грчки медиуми. Според Стејт Департментот, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас имал средба за запознавање со државниот секретар, на која Тилерсон не поставувал прашања туку главно слушал. Кога Коѕиас зборувал за ситуацијата на Балканот, Тилерсон посочил дека има нестабилност кај северните соседи на Грција, при што грчкиот шеф на дипломатијата објаснил дека прават напори за стабилизација на Македонија и на Албанија.
Се очекува Тилерсон да одговори на писмото од сенаторите по завршувањето на неговата турнеја во Азија.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
