Тутун: Заврши откупот, во тек подготовките за новата реколта
Денеска и официјално завршува откупот на тутунот во земјава. Тутунарите произведоа квалитетна реколта тешка 25.000 тони, а претпријатијата ја откупија по просечна цена од 197 денари. Интересот за тутунопроизовдството останува и од него живеат 150.000 жители во земјава.

И официјано, се затвораат откупните пунктови во земјава. 9-те откупувачи ја презедоа ланската реколта тутун тешка околу 25.000 тони по просечна цена од 197 денари. Производителите и откупувачите велат: направивме добар пазар.
„Задоволен сум од исплатата и од субвенцијата, оваа реколта се исплати“, вели Милан Велески, тутунар.
„Мислам дека цената задоволува, реколтата ја завршивме успешно, сега останува да се припремиме за преработка на тутунот“, изјави Гоце Карапеески, Тутунски комбинат- Прилеп.
Со добра цена и субвенции, тутунопроизводството останува стабилна земјоделско индустриска гранка. Тутунот се бара на пазарот во ситуација кога соседните земји го намалуваат производството. Како стратегиска култура, учествува со 20 насто во македонскиот приход.
„И понатаму тутунот се бара, најавата е дека нема зима за ориенталниот тутун, на светскиот пазар се бара, и самите компании со кои ги склучуваме договорите ги зголемуваат количините, што значи дека и пазарот бара ориентален ароматичен тутун“, смета Данчо Милески, Сојуз на тутунски здруженија на Македонија.
На прагот на новата реколта, до крајот на месецов се издаваат бели картони како лиценца за тутунопроизводството. Интересот останува во најголемиот производствен регион-прилепскиот.
„Ќе биде на ланското ниво, со околу 11.000 евидентни листови, на 7.000 хектари површина засадена со тутун“, вели Коста Дурланов, Министерство за земјоделство.
Деновиве почнува расадопроизводството за новата реколта. Од тутунот во Македонија живеат околу 150.000 жители.
Елизабета Митреска
